БИРОТО ЗА МЕТРОЛОГИЈА НА СВОИТЕ СОРАБОТНИЦИ ИМ ГО ЧЕСТИТА 20 МАЈ – СВЕТСКИОТ ДЕН НА МЕТРОЛОГИЈАТА
Бирото за метрологија во Република Македонија го слави 20 мај – Светскиот Ден на Метрологијата. На овој ден се одбележува годишнината од потпишување на Метарската Конвенција во 1875 година, со што се дава основа за развој на светски кохерентен мерен систем.
Главната цел на Метарската Конвенција е единството на мерењето во светот и тоа останува важно и денес како што било и во 1875 година.
Светот го слави Денот на Метрологијата за 2014 година под заeдничко мото: „Мерења и глобален енергетски предизвик“.
Изминативе декади светот се соочува со глобален енергетски предизвик. Суштина на проблемот е во зголемената енергетска потреба како и потребата за ограничување на емисијата на штетни гасови, особено во земјите во развој.
Ако се додаде и желбата за разновидност и сигурност во снабдувањето со енергија и покачените цени за екстрахирање на фосилни горива согледуваме дека постои растечки тренд за употреба на комбинирани енергетски извори вклучувајќи ги и оние кои се обновливи. Разновидноста на енергетските облици, заедно со потребата за зголемена ефикаснот во добивање, трансфер и употреба на енергија, ја доведуваат технологијата на границите на своите можности. За да одговориме на тој предизвик треба да ја унапредиме способноста за мерење на низа параметри. На пример, прецизно мерење на температурата на изработка или обликот на површината на сечилото на турбината ќе овозможи подобрување на ефикасноста. Подобри мерења на квалитетот на енергијата ќе помогнат во подобрување на стабилноста на транспортната мрежа, која во денешно време мора да обработува и различни влезни податоци, на пример од ветерници, фотонапонски клетки итн. Покомплексни мерења на електричната моќ се неопходни за да се осигура исправноста на енергијата која ја купуваме или продаваме.
Националните метролошки институти ширум светот, како што е и Бирото за метрологија во Република Македонија, непрекинато ја унапредуваат метрологијата, преку развој и валидација на нови мерни техники, на сите развојни нивоа. Исто така учествуваат во интеркомпарации под надзор на Меѓународното ниво за мери и тегови (BIPM), со цел да се осигура постојаност на мерењата во светот.
Многу мерни инструменти се контролирани со закон или се предмет на регулаторната контрола, на пример неавтоматските ваги во продавниците, инструментите за мерење на загадувањето на животната средина, или мерила кои се користат за наплата на енергија. Меѓународната организација за законска метрологија (OIML) донесува меѓународни препораки, чија цел е усогласување и хармонизација на барањата за овие типови на мерила од целиот свет.
Светскиот ден на метрологијата го признава и слави придонесот на луѓето кои во текот на целата година работат за општо добро во меѓународни и национални организации.