Прва работна посета на Делегација од Молдавија
На 06-ти декември, 2022 година се одржа првата работна средба помеѓу преставниците на Државниот пазарен инспекторат и Националниот институт за метрологија на Република Молдавија со Директорот и вработените на Бирото за метрологија. Целта на посетата беше лабораторијата за тестирање на нафта и нафтени деривати на Бирото за метрологија и начинот на функционирање на истата, за потребите на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) на Република Северна Македонија. Колегите од Молдавија имаа прилика да го проследат целиот процес на тестирање на квалитетот н нафтените деривати во лабораторијата и да добијат одговор на сите прашања, околу начинот на кој инспекторите од ДПИ, во соработка со стручниот персонал од лабораторијата на Бирото, вршат контрола на нафтените деривати, кои се пуштени на пазарот во Република Северна Македонија. Преставниците на Молдавскиот метролошки институт ги посетија и лабораториите за калибрација на Бирото за метрологија и изразија желба да ја продлабочат соработката со персоналот од лабораториите, во поглед на размена на знаење и метролошки искуства, која би се дефинирала и потврдила со потпишување на Меморандум за соработка. Во тој контекст, Директорот на Бирото за метрологија, М-р Мерита Мустафаи истакна дека Бирото за метрологија е секогаш подготвено да им излезе во пресрет на сите метролошки организации, кои се залагаат за развој и напредок на метрологијата и дека оваа посета отвора можност за долгорочна соработка во интерес на двете земји.